СВЕТА МАЧЕНИЧКА ДАНИЕЛА ОД БУКУРЕШТ, РОМАНИЈА
(1967-2004)
Многупати се случува сите ние да се прашаме: „Постојат ли светители денес?“ Одговорот е еден. Божји светители се појавуваат секогаш и засекогаш. Нивното постоење ни дава сила.
Еве една драматична историја, која се случила во наше време во Романија. Ова е одговор на оние кои мислат дека мачениците на нашата православна вера престанале да постојат.
Светата маченица Даниела е родена 1967 година во Романија. Од мала била блиску до Бога. Кога излегувала од училиштето, наминувала секогаш во црква. Поради тоа, нејзиниот татко ја карал многу сурово: „Каде беше? Цел ден одиш во црква со твоите попови? Што ти дава Бог?“ Но, таа не зборувала ништо, само солзи течеле од нејзините очи. Била побожна и се молела многу. На матурската забава, кога го завршила средното училиште, не сакала да оди. Нејзината професорка ја молела да појде и таа со нив, но таа велела: „Не можам. Знаете дека ве сакам сите вас многу, но простете ми, неможам да појдам на славењето“.
Имала кроток карактер и била добра кон сите. Им помагала на нејзините соученици околу домашните задачи, седела ноќе и им ги пишувала. Била многу добра ученичка како во училиштето, така и на факултет. Била многу трудољубива. Целата облека си ја правела самата. Била духовно чедо на големиот духовник, отец Софијан од манастирот Антим.
Кога била студентка, негувала една парализирана старица којашто ја беа заборавиле сите, госпоѓа Јоана. Даниела одела секојдневно, наутро, пред факултет и навечер. Било прилично далеку, а трудот бил голем. И перела, негувала, пазарувала и читала, со еден збор донела радост во душата на старицата. Еднаш некој ја истепал преподобната Даниела, иако таа не била виновна за ништо. Штом стивнало тепањето, таа клекнала и ја целивала ногата која со здивеност ја удирала. Имала многу кроток карактер и била милостива кон сите. Никогаш не осудувала никого и секогаш ја префрлала вината на себе.
Некои од нејзиното семејство се обидувале да ја наговорат да се омажи. „Не, не, јас сакам да останам само со Бога“ – велела. „Можеш да бидеш со Бога и мажена“ – и велеле. Таа им одговарала: „Да, но ако се омажам значи дека ќе го оставам Бога настрана, а јас не го сакам тоа. Сакам да дадам се на Бога“. Ноќе се молела со часови. Никогаш не заспивала без да го направи своето молитвено правило. Кога го завршила факултетот отишла во манастир. Татко и ја барал долго време и откако ја нашол и донел дома, ја тепал бездушно. Последната вечер пред нејзиното последно заминување во манастир, плачела и се молела непрестајно. Направила илјада метании барајќи просветлување од Пресветата Богородица. Заспала дури на разденување. Кога се разбудила, го зела икончето од Пресвета Богородица, се прекрстила, ја целивала иконата и одлучно си ги собрала работите и заминала во манастир.
Пред да замине и дала едно писмо на пријателката за да му го даде на отец Софијан. Еве ја неговата содржина: „Отец, ја видов во сон иконата на Пресвета Богородица и видов иконата како да оживува и Богородица ме гледаше внимателно и јас ја прашував што да правам. Видов дека ме гледа со голема болка. Видов солза во Нејзиниот образ. Одеднаш кога ги рашири рацете за да се помоли и една солза капна на мојата рака. Кога ме допре Нејзината солза, се разбудив и одлучив да одам“. И таа заминала. По патот на Крстот, по патот на Спасителот Христос.
Но и овој пат татко и ја нашол. Кога ја донел од манастирот повторно ја натепал. Ја исекол нејзината монашка облека (расо) и ја фрлил во ѓубрето. Го извадил од вратот и нејзиниот крст. Тогаш таа се онесвестила. Кога си дошла при себе, му рекла: „Те молам, остави ми ги иконите, не можам да живеам без нив“. Тогаш татко и и ги фрлил иконите на земја, ги изгазил и потоа ги земал сите. Таа му рекла: „Добро, се ми зеде, но душата неможеш да ми ја земеш“. И од тој момент таа се молела: „Пресвета Богородице помогни ми, Господи Исусе Христе не ме оставај“.
Татко и гледајќи дека не може да направи ништо за да ја оддалечи од православниот живот, намислил да направи нешто ѓаволско. Знаел некој лекар и измислиле дијагноза: „Параноична шизофренија проследена со мистичен делириум“ . Се до крајот на животот морала да ги зема лекарствата “за да се смири“. Последните две години ги поминала во болница со цевки во носот. Поради лекарствата била секогаш речиси без свест.
Татко и ја чувал од утро до вечер, за случајно да не дојде во контакт со побожни луѓе. Нејзината неподвижност во креветот и лекарствата што и ги давал психијатарот предизвикале парализа. Така измачена, починала на Велики Вторник, на 6 април 2004 година во Страдалната Седмица. Подоцна на нејзиниот гроб почнале да се случуваат чудеса. Гробот на преподобната Даниела се наоѓа во гробиштата Андронаке во населбата Коледина во Букурешт.

„ Нова заповед ви давам, да се љубите еден со друг ; како што Јас ве возљубив, така и вие да се љубите еден со друг. По тоа ќе ве познаат дека сте Мои ученици, ако имате љубов меѓу себе. “ (Јован 13:34,35).
